OHRID Institute
shadow
 

EICEE

NATO ARW

ipri

Промовирана книгата „Културните разлики и општествената интеграција“ од Ганка Цветанова

Институтот за економски стратегии и меѓународни односи ОХРИД денеска (12.12.2007) ја промовираше книгата „Културните разлики и општествената интеграција: Македонија пред и по Рамковниот договор“ - дисертација на Ганка Цветанова, која звањето доктор на социолошки науки го стекна минатата година на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања во Скопје. Цветанова посочи дека културните, јазичните, верските и етничките различности на македонското општество ги детерминираат севкупните односи во нашето живеење и ја условуваат стабилноста во државата. - Токму затоа предмет на анализа во оваа книга се начинот на кој се артикулирани и менаџирани прашањата од меѓуетничките односи, особено оние кои се врзани за изразување на културата и идентитетот на различните заедници кои живеат во Република Македонија, и тоа согледани во еден историски контекст.

Почнувајќи со историските корени на мултикултурализмот во Македонија, па се до поновите случувања во нашата историја, вклучително конфликот во 2001 година кој финишираше со Рамковниот договор, т.е. со редефинирање на македонскиот политички образец, односно моделот на политичко уредување и какви се импликации имаше тоа врз интегрираноста на македонското општество, истакна Цветанова. Заклучок на изданието, според неа, е фактот дека решавањето на меѓуетничките односи во Република Македонија најчесто се случува ад хок, „тогаш кога на површината ќе избијат проблеми од типот на меѓуетнички тензии, вклучително и случувањата во 2001 година“.

Авторката смета дека е неопходна сеопфатна анализа за овие прашања, консултации со научната и стручната јавност при креирањето на краткорочните политики за негување и унапредување на меѓуетничките односи. Таа евидентира отсуство на долгорочни стратегии за развивање на чувството на заедничка припадност и на лојалност на сите граѓани на Република Македонија и градење единствен национален идентитет на државата, што според неа е најдобар пат до поголеми човекови и културни права. - Доколку заклучоците во оваа книга успеат да ги поттикнат релевантните и одговорните структури да размислуваат и да делуваат во оваа насока, ќе сметам дека моите очекувања се во целост реализирани и дека оваа книга ја постигнала својата цел, рече Цветанова.

Книгата ја промовираа рецензентите Владо Поповски и Петар Атанасов. Поповски рече дека Охридскиот договор на Цветанова и служи и како прашање за критичка анализа, колку тој договор е функционален и колку Република Македонија како држава се трансформира врз таа основа. - Авторката го поставува прашањето дали со Охридскиот договор се врзува вреќата на проблеми во Македонија, дали е фактор за одржливост и развој на државата или е тој само една фаза, рече Поповски. Атанасов посочи дека Цветанова изјаснувајќи се против сегрегацијата и гетоизацијата, како контра на политиката на етнизација на културата, до висок степен ги кристализира дилемите на македонската држава, но и слабостите и погрешните последици на имплементацијата на Рамковниот договор. - Таа е строго против затворањето на македонското општество во етнички „трла“ и се залага за интеркултурална комуникација, рече Атанасов.Докторската дисертација Цветанова ја изработи под менторство на проф. д-р Емилија Симовска. Цветанова беше министер за култура од 2000 до 2002 година и пратеник во минатиот парламентарен состав (2002-2006).

Глобал

shadow
На почетна