Политички дијалог помеѓу младите во Република Македонија
Институтот за економски стратегии и меѓународни односи ОХРИД, во 2007 год.- 2009 год. го изработи проектот Политички дијалог – сепартиски форум на тема „ Македонија на прагот на ЕУ и НАТО заедничка одговорност на сите политички партии“. Имено, Институтот ОХРИД воспостави соработка со сите лидери на политичките партии како и припадниците на истите и остварија голем број форуми како на локално така и на регионално ниво. Во 2009 година во соработка со мисијата на ОБСЕ, Институтот ОХРИД го имплементираше предизборниот проект „Политичка свесност и одговорност на партиите“.
Проектот ги собра заедно политичките лидери да дискутираат за прашањата кои претставуваат своевидна пречка за одржување демократска кампања и демократски избори. Целта на проектот беше подобрување на однесувањето на активистите за време на избори. Во склоп на проектот беа направени многу состаноци и форуми во општините кои беа посочени за конфликтни за време на последните избори. Имено, овој проект се покажа за повеќе од успешен за што сведочат мирно поминатите избори, без никакви посериозни конфликти и случувања.
Членовите на сите партии кои беа дел од овие два проекти на Институтот ОХРИД беа повеќе од заинтересирани и дадоа значителен придонес кон дебатите и иницираните дискусии.
На иницијатива на младите членови од политичките партии кои присуствуваа на овие форуми Институтот ОХРИД започнува проект кој ќе се фокусира на младите стриктно од политичките партии и нивниот придонес кон политичката дебата.
Преку овој проект, Институтот ОХРИД ќе работи со младите од сите политички партии за подобрување на комуникацијата помеѓу младите активисти на локално ниво, за покренување на свеста за позицијата на другите партии и нивните членови со цел да се постигнат севкупните цели како на државата, така и на нејзините граѓани. За прв пат, проектот ќе ги собере младите од различни идеолошки и етнички позадини заедно да работат на нивните заеднички интереси и ќе им овозможи форум за дискусија на кој ќе се слушне нивниот глас. Во проектот ќе се вклучат домашни и странски експерти и претставници на меѓународните политички фондации и амбасади во Република Македонија.
Република Македонија е мултиетничко општество во кое за жал сеуште постојат општествени и политички поделби помеѓу младите луѓе во однос на етничката припадност, јазикот, религијата и идеологијата. Иако младите лидери поседуваат огромен интелектуален капацитет за да се вклучат во политички дебати на меѓупартиско ниво и со тоа да ја подобрат демократијата во земјата, нивното значење и потенцијал многу ретко се земени во предвид од страна на искусните партиски лидери. Веруваме дека младите политичари имаат што да кажат, можат да соработуваат меѓусебно и да направат основа за понатамошни заеднички проекти, меѓусебен дијалог за подобрување на политичката клима и демократија во Република Македонија.
Уверени сме дека и кај младите постои иницијатива и потреба за едни вакви дискусии и консултации кои ќе го подобрат целокупниот политички дијалог во Република Македонија.
Темите кои ќе бидат обработувани ќе бидат во однос на заедничките интереси, идеи и иницијативи од младите лидери како и улогата и одговорноста на младите во политичките партии на патот кон ЕУ и НАТО интеграциите, дејствувањето на младите во политичката сфера, нивните идеи и ставови во однос на целокупниот развој на политичкиот систем и актуелните случувања, и воедно дали се силни локалните ограноци за давање свој придонес кон сите овие случувања. Имено, со овие дебати ќе се поттикнат младите лидери да ја подигнат политичката култура на едно ново ниво и да воспостават заеднички јазик во однос на прашања од национален интерес, со што и ќе покажат зрелост, лидерство и спремност да партиципираат во креирањето на државните политики.
Политички партии во Република Македонија
* ВМРО-ДПМНЕ
*Социјалдемократски сојуз на Македонија
*Социјалистичка партија на Македонија
*Демократска обнова на Македонија
*Партија за европска иднина
*Демократски Сојуз
*ВМРО - Македонска
*Демократска партија на србите во Македонија
*Демократска партија на турците на Македонија
* Сојуз на ромите од Македонија
* Странка на демократска акција на Македонија
*Демократска унија за Интеграција
*Нова социјалдемократска партија
*Либерално - демократска партија
* Либерална партија на Македонија
*Нова алтернатива
* Демократска партија на албанците
*Нова демократија