Одржана годишната седница на Младинскиот парламент
03.04.2018

Одржана годишната седница на Младинскиот парламент

Во организација на Институт Охрид, на 31 март 2018 година, во Собрание на Град Скопје, се одржа годишната седница на Младинскиот парламент на кој учество земаа претставниците на подмладоците на 24 политички партии во Република Македонија.

На седницата на Младинскиот парламент, младите политичари го дискутираа Законот за млади и дебатираа за потребите и проблемите на младите луѓе во Република Македонија кои би требале да бидат опфатени со овој документ.

Секој подмладок го изнесе својот усогласен став, а притоа се дискутираше и за несоласувањата и се поднесуваа предлози и забелешки кои потоа, откако ќе се преработат и вметнат во документот, ќе бидат испратени до сите релевантни институции во Република Македонија.

„Институтот Охрид силно верува и вложува во градењето на капацитетите на младите лидери и идните носители на одлуки и само преку постојан дијалог и градење на капацитетите создаваме лидери кои ќе се однесуваат одговорно, принципиелно и мудро. Политичките подмладоци се релевантен чинител во општеството и како такви треба да бидат вклучени и консултирани во процесите на носење одлуки и креирање политики за млади.” - изјави Билјана Јанева, директорка на Институтот.

Институт Охрид веќе 8 години интензивно работи на градење на капацитетите и надградување и негување на политичкиот дијалог помеѓу младите политичари со сите активни подмладоци во Република Македонија. Активностите на програма се исклучително разновидни и вклучуваат: работилници, семинари, изборни симулации, дебати, јавни форуми, тренизни против говор на омраза. Во насока на подигнување на свеста и политичкиот дијалог, Институтот Охрид организираше и два мултипартиски фудбалски турнири „Фер плеј: Заедно за заеднички успех“, а и традиционално го организира потпишувањето на Декларацијата за фер, слободни и демократски избори, на која претседателите на сите политички подмладоци ја покажуваат својата заложба за спроведување слободни и демократски избори и нивната борба за намалување на говорот на омраза.