Политичките подмладоци се заложија за слободни, фер и демократски избори
15.04.2019

Политичките подмладоци се заложија за слободни, фер и демократски избори

29 подмладоци на политичките партии ја потпишаа Декларацијата за слободни, фер и демократски избори.

Со потпишување на Декларацијата, младите политичари се заложија дека ќе се борат против говорот на омраза и негово отстранување на социјалните мрежи и секојдневниот живот. Истовремено, младите политичари го искажаа својот став во насока на поддршка за фер, слободни и демократски избори.

„Младите политичари честопати самите се жртви на говор на омраза. Тие ја имаат зрелоста и мудроста да ги препознаат овие негативни појави во општеството и заеднички да се борат против говорот на омраза и наместо тоа да користат креативност и позитивна енергија за промовирање на своите идеи. Со оглед на тоа дека ова е четврто потпишување на Декларацијата, слободно можам да кажам дека политичките подмладоци од сите партии се и повеќе од свесни за својата општествена одговорност, како и нивната улога во целиот изборен процес“- изјави Билјана Јанева, извршен директор на Институт ОХРИД.

Чинот на потпишување на Декларацијата е традиционален настан кој се одржува пред секои избори. Декларацијата за фер, слободни и демократски избори првпат беше потпишана во 2014 година, а потоа и во 2016 и 2017 година. 

Со потпишувањето на оваа Декларација, младите политичари пренесуваат јасна порака до јавноста дека тие, како идни носители на одлуки, имаат силна волја и одлучност да бидат идни лидери и преку нивното делување да се борат против говорот на омраза, да создадат поинаква политичка култура и да го издигнат политичкиот дијалог на повисоко ниво.  Со денешното присуство тие покажаа дека се движечка и носечка општествена група и дека ќе продолжат со меѓусебната соработка со цел создавање подобри услови за сите млади во државата.

Институтот ОХРИД ја спроведува програмата „Политички дијалог помеѓу младите политичари“ од 2010 година. Програмата ги обединува сите активни политички подмладоци и нејзината цел е да негува и гради политичка култура и дијалог, но и да ги гради капацитетите, вештините и знаењата на младите политичари како идни лидери и носители на одлуки.