Започна првата Школа за објективизам: „Кој е Џон Галт?“
23.10.2017

Започна првата Школа за објективизам: „Кој е Џон Галт?“

Институт Охрид во соработка со Балкански објективистички центар и Институтот Ејн Ренд годинава организираат прва Школа за објективизам во Република Македонија

Институтот Охрид со голема чест и задоволство објавува дека на 18.10.207 година и официјално беше отворена првата Школа за објективизам: Кој е Џон Галт? Имајќи предвид дека ова е прва школа од ваков тип во Република Македонија, навистина е голема чест, но пред сѐ и голема одговорност и предизвик да се пренесе филозофијата на објективизмот и учењето на Ејн Ренд на македонската јавност. 

Школата за објективизам е во организација на Институт Охрид од Скопје во соработка со Балканскиот објективистички центар од Белград, Србија и Институтот Ејн Ренд од САД.

Целта на оваа школа е да поттикне дискусија и подлабок увид во филозофијата на објективизмот, чиј основач е филозофката и писателка Ејн Ренд, филозофија за која навистина малку се знае во Република Македонија. Понатаму, нашата желба е да работиме на проширување на видиците на младите луѓе во Република Македонија и да ги поттикнеме на критичко размислување.

Првото предавање беше одржано на 18.10. 2017 година, а првиот предавач на школата беше Маја Вртариќ, директорката на Балканскиот објективистички центар, која зборуваше на темата: „Филозофија: Кому е потребна?“ Првото предавање беше вовед во она што ќе следува и накратко беше разгледан развојот на филозофијата од античка Грција до денес. 

Билјана Јанева, директорката на Институт Охрид, имаше свое поздравно обраќање и ги охрабри учесниците да земат што е можно поголемо учество во самите дискусии.

Предавањата се одржуваат еднаш седмично, а програмата трае околу 3 месеци!

На крајот од Школата, учесниците ќе можат сами да одговорат на загатката: Кој е Џон Галт?