Декларација за фер, слободни и демократски избори помеѓу политичките подмладоци
02.10.2017

Декларација за фер, слободни и демократски избори помеѓу политичките подмладоци

Декларација за слободни и фер избори помеѓу претседателите на подмладоците на политичките партии

Претседателите на подмладоците на 25 политичките партии денеска потпишаа Декларација за слободни и фер избори за престојните локални избори, во Александар Палас, Скопје, во организација на Институтот за економски стратегии и меѓународни односи – Охрид, од Скопје.

Со потпишување на Декларацијата, младите политичари ја покажаа својата заложба за спроведувањето на фер, слободни и демократски избори и организирање на достоинствена кампања, а со тоа и пренесување на јасна порака до јавноста дека се зрели и имаат капацитет да бидат идни лидери на државата. Дополнително, младите политичари се заложија и за намалување на говорот на омраза на социјалните мрежи и во секојдневниот живот.

Младите политичари ја покажуваат својата зрелост и свесност за својата улога и одговорност при градењето на модерна, просперитетна и демократска Република Македонија во која нема да има говор на омраза, туку само дијалог и мирно решавање на проблемите и актуелните прашања. Младите политичари се свесни и за своето влијание врз младите во Република Македонија и тоа влијание го користат за промовирање на една поинаква политичка клима која се темели на дијалог и градење мостови кои ќе ги зближуваат сите млади.

„Младите политичари секоја година имаат се поголема улога и посилен глас во македонското општество и политичките процеси. Како никогаш досега, младите политичари се застапени речиси на секоја советничка листа и тоа во навистина голем број. Младите се клучни партнери на носителите на одлуки и ќе продолжат со заеднички сили да создаваат политики од исклучителна важност за младите. Токму затоа е потребно да им се даде голема поддршка и да се поттикнат да продолжат неуморно да работат, да создаваат и со својата креативност, младост и ентузијазам да бидат инспирација за сите нас.“ - изјави Билјана Јанева, извршен директор на Институт Охрид.

 Од суштинско значење за локалната демократија е учеството на младите во процесите на донесување на одлуки. Не само што нивното учество доведува до зголемена транспарентност на локално ниво, туку и прави локалната власт да биде поодговорна кон вистинските потреби на граѓаните.

Институтот Охрид работи на програмата Политички дијалог помеѓу младите политичари во Република Македонија од 2010 година и има за цел да го подигне политичкиот дијалог помеѓу младите политичари на едно повисоко ниво и да изгради политичка култура во која се негува дијалогот, прифаќањето, разбирањето и компромисот.

Ова е прво потпишување на Декларацијата по повод локалните избори, откако претходно два пати беше потпишана пред предвремените парламентарни избори во 2014 и 2016 година.