Конкурс за првата Школа за објективизам: Кој е Џон Галт?
19.09.2017

Конкурс за првата Школа за објективизам: Кој е Џон Галт?

Пријавете се за првата Школа за објективизам: Кој е Џон Галт?

 Институт Охрид во соработка со Институтот Ејн Ренд и Балкански објективистички центар распишува:

КОНКУРС

За сите заинтересирани студенти на додипломски и дипломски студии за учество во првата Школа за објективизмот: „Кој е Џон Галт?“

Програмата се состои од осум предавања во периодот од октомври-декември во просториите на Институтот Охрид. Бараме активни, млади луѓе кои се жедни за нови знаења од областа на филозофијата, општествените науки, економијата и политиката. По успешното искуство со оваа програма во Србија и Босна и Херцеговина, денес го бараме Џон Галт во Македонија.

Во текот на програмата ќе се обработуваат клучните филозофски, морални и политички поими во контекстот на филозофијата на објективизмот. Филозофијата на објективизмот ја има поставено Ејн Ренд, американска писателка со руско потекло, во средината на 20 век, дефинирајќи ја како филозофија на разумот, односно „филозофија за живот на земјата“.

Објективизмот, кој го нагласува приматот на логиката и разумот, станува популарен преку романите на Ејн Ренд и до денешен ден се покажува како многу влијателен. Многумина познати личности, од претприемници, уметници, до најистакнати политичари, ја истакнуваат филозофијата на објективизмот како своја филозофија.

Програмата подразбира предавања, како и креативни сесии кои вклучуваат филмски проекции и читателски секции во кои посебно ќе се обработуваат практичните импликации на оваа филозофија. Програмата е особена корисна за оние кои сакаат да истражуваат различни традиции на политичката филозофија, како и за оние кои сакаат подобро да ги разбираат општествените и политичките процеси и исходи во Македонија, регионот и светот.

Сите учесници на Школата за објективизмот „Кој е Џон Галт?“ на располагање ќе имаат стручна литература, пристап до книги од библиотека, препорака за посета на значајни конференции во Европа и САД и сертификат за успешно учество.

Конкурсот е отворен до 11.10.2017 година, а потоа следи изборот на кандидатите. Бројот на места е ограничен. Пријавата можете да ја пополните тука. Програмата е бесплатна и започнува на 18.10.2017. Наставата ќе се одржува секоја среда.

За сите прашања во врска со Школата за објективизам – „Кој е Џон Галт“ можете да ѝ се обратите на Марија Андреева, на телефонскиот број - 070 840 559 или на мејл: [email protected]

Со среќа!